Историски ден – Македонија и официјално 30 земја членка на НАТО

Со депонирањето на инструментот за ратификација на Северноатлантскиот договор, Македонија и официјално стана 30-та земја членка на НАТО. Иако ова требаше да биде настан со свечена церемонија сите активности поради состојбата со корона вирусот се откажани. Прв преку видео обраќање до граѓаните претседателот Стево Пендаровски го честиташе членството во алијансата.

„Во претстојниот период не очекува макотрпна работа. Ќе мораме да направиме длабока трансформација на нашето општество и да ги постигнеме стандардите потребни за членство“, истакна Стево Пендаровски.

Во министерството за надворешни работи, шефот на дипломатијата Никола Димитров со американската амбасадорка Кејт Мери Брнс  го следеа формализирањето на нашето членство во Вашингтон. Наместо ракување си честитаа со корона поздрав.

„Членството во НАТО се случува во период кога светот се соочува со Ковид 19 со корона вирусот, можеби најголемиот глобален предизвик од Втората светска војна. Затоа имаме една ваква поприземна, поскромна церемонија но тоа не го намалува историското значење на на овој момент“, посочи Никола Димитров.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска рече дека денешниот датум ќе влезе во историјата, како наш прв голем успех.

„Влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години“, додаде Радмила Шекеринска.

Во чест на официјалниот прием на земјава во НАТО од касарната Илинден беа истрелани 6 артилериски плотуни. Во понеделник ќе има и церемонија со подигање на македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел, како и во командата на сојузничките сили во Норфолк во Соединетите Американски Држави.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *