Сакајќи да направиме мал осврт кон секогаш актуелната тема за родовата еднаквост во академските кругови, но и вечната дилема на обичниот човек за поделбата на улогите на мажите и жените во семејството, домот, во работната средина и генерално во општеството, со посебен акцент на истата како важен морален принцип кој треба да се следи од страна на сите членови и субјекти во општеството, денес зборуваме со Соња Китановска Василевска – Експерт за бизнис системи и решенија во комерција (BSS Commercial Expert) во Пивара Скопје. Со диплома од Електротехничкиот факултет во Скопје, отсек компјутерска техника, информатика и автоматика, нашата соговорничка е уште една потврда дека во модерниот свет не постојат машки и женски професии.
Кажи ни нешто за твоите почетоци… Каде ја започна својата кариера?
Најпрво започнав како професор по информатика во гимназијата Јосип Броз-Тито во Скопје, но набргу сфатив дека тоа не е нешто што би требало да биде моја животна професија. Одлучив дека мојата кариера сакам да ја градам во некоја софтверска компанија. Така започнав да учам развивање на апликативен софтвер во една многу мала и непозната софтверска компанија.Таму беа моите први почетоци и запознавање со Oracle database и алатките Oracle Forms and Reports. Продолжив во софтверската компанија Ултра Компјутери каде директно бев вклучена на имплементација на проектот ERP за Пивара Скопје. Бев вклучена во развој на апликативно решение за процесот на производство на пиво најпрво како јуниор софтфер девелопер, а подоцна целосно го преземав тој дел. Морам да кажам дека во тој проект научив многу и за процесите и за можностите на Oracle алатките. Прекрасниот тим од производство на пиво во Пивара Скопје ми даде голема поддршка бидејќи програмерот не би направил добро системско решение доколку не го познава процесот. По завршувањето на проектот заминав во Seavus, компанија за развој на софтвер, каде работев на познатиот проект “е-Данок” за Управата за јавни приходи. Целта на проектот беше електронско поднесување на даночни пријави за големите државни обврзници. Таму го надградив моето претходно скромно познавање на Informix база на податоци. Потрагата по нови предизвици ме однесе во Царинската Управа на РМ во секторот за информатичка технологија каде бев дел од тимот кој работеше на проектот “Едношалтерски систем”, а чија цел беше олеснување на комуникацијата помеѓу државните институции. Но мојот темперамент и желба за нови предизвици, и се разбира за валоризирање на трудот и знаењето, ме донесе во Пивара Скопје…
Кога се вработи во Пивара Скопје и како напредуваше?
Во Пивара Скопје дојдов во 2008 година, поради проширувањето на тимот за софтверска поддршка. Понудата дојде како резултат на мојот претходен ангажман во имплементација на ERP апликатвниот софтвер за Пивара Скопје. Морам да признаам дека предизвикот го прифатив без двоумење, бидејќи знаев за одличниот статус на компанијата како и за ИТ тимот. Започнав како Програмер за развој и подршка на бизнис решенија, брзо напредував во Специјалист за поддршка и на крај бев унапредена во Менаџер за подршка на бизнисот. Морам да кажам дека беше голем предизвик за секој нов процес или подобрување на постоечкиот да се најде решение, истото да се развие, тестира и стартува во продуктивна околина, а во исто време да се дава поддршка на 70-тина Market Developers (Развивачи на пазарот), 20-тина Дистрибутери и 50-тина активни корисници на ERP системот. Во 2014 го прифатив предизвикот да бидам дел од тимот за имплементација на системот SAP во улога на Лидер за бизнис системи во делот за Финансии. После стартувањето на SAP добив уште поголем предизвик и станав дел од ново-формираниот сектор Business Solutions and Systems (Бизнис решенија и системи) во кој ја презедов позицијата Експерт за бизнис системи и решенија во комерција (BSS Commercial Expert).
Што опфаќа твојата работна позиција?
Како Експерт за бизнис решенија и системи во секторот комерција, моја одговорност е техничка поддршка во имплементација на сите корпорациски и локални проекти, координатор за сите надградби на SAP системите, координација со клучните корисници на системите, имплементација на дигитални решенија за делот продажба и унапредување на пазарот, изнаоѓање системски решенија за покривање на нови процеси и подобрување на постоечките во комуникација со останатите земји од Групацијата CCHBC и SAP дизајн тимот и техничките консултанти за заеднички услуги со седиште во Софија. Со други зборови сега не програмирам, туку сум одговорна за системска поддршка на Пивара Скопје, а во соработка со дизајнерско-техничкиот сектор за подршка на SAP ситемите. Оттука мојата позиција бара многу добро познавање на процесите во компанијата, посебно во делот на комерција, вклучувајќи и монгу технички вештини.
Кои се клучните вредности и вештини што секојдневно ги применуваш со цел да бидеш успешна и успешно да ги извршуваш работните задачи?
Најважно од сѐ е да бидеш добар организатор. Менаџирање со клучните корисници е многу битен дел од мојата работа. Морате да бидете искрени и толерантни со вработените, да го почитувате нивното време и пријателски да пристапувате. Секогаш користам можност да ги пофалам за сработеното. Знаете, секој човек сака внимание. Понекогаш пофалниот збор вреди многу повеќе и од парична награда. Тие што добро ме познаваат знаат дека имам правила на работа од кои не отстапувам и се обидувам, во интерес на добро завршена работа, да ги наметнам на моите колеги: координација, навремено информирање, добро напишан и јасен e-mail со конкретна информација и порака, задолжителен feedback. Мислам дека моите блиски соработници знаат да ја ценат мојата безрезервна поддршка, искреност, достапност и пријателски однос и тоа ме прави среќна.
Кои се твоите најголеми достигнувања во кариерата, нешто што те прави особено горда?
Фактот дека во фабриката ме доживуваат како “разрешувач на технички проблеми”, ме прави горда. Кога нема надеж или има тешка задача, адресата сум јас. Тоа за мене е комплимент. Кога некој проблем изгледа нерешлив, јас прифаќам истиот да го решам, не затоа што сум најпаметна, туку затоа што ми е предизвик и тоа ме прави среќна, чудно но вистинито. Тоа е така бидејќи сум упорна и пожртвувана во сѐ што работам во животот. Никогаш не се откажувам, сакам да учам, да решавам проблеми и да помагам. И во училиште дошепнував зошто мојот темперамент не ми дозволуваше да премолчам ако го знам одговорот на прашањето. Како достигнувања можам да кажам дека посебно сум горда на системските решенија како што се проектите: Производство на пиво, Планирање на пиво и сок, Електронско банкарство, Депозит систем, “Gross profit per SKU” и SAP имплементацијата.
Според тебе, каква е улогата на жените во подобрувањето на родовата еднаквост во деловната средина? Дали сметаш дека постојат машки и женски професии?
За мене не постои родова нееднаквост, тоа е оправдување за неспособност и немање желба за соочување со предизвици. Што се однесува до поделбата на машки и женски професии, мислам дека времето на стереотипи и предрасуди одминува. Во моето професионално опкружување, иако професијата се смета повеќе за “машка”, сѐ повеќе се присутни жените. И обратно, професиите кои се перцепирани како “женски”, денес се повеќе мажи ги избираат како свој животен позив.
Која е формулата на една деловна жена која успеала во сè: да има среќно семејство и успешна кариера. Постои ли начин да се воспостави рамнотежа помеѓу приватниот живот и кариерата?
Магична формула нема. Сѐ се сведува на добра организација. Работата и семејството се компромис. Она што јас го имам усовршено како дисциплина е “мултитаскинг”. Во мојот карактер е сѐ да имам под контрола, па така е и во домот. Средување, готвење и решавање задачи по математика се целосно во мои раце и се сметам себеси подеднакво успешна и како мајка и сопруга и како професионалец во она што го работам. Рамнотежа? Секако постои, но тоа зависи од карактерот на човекот. Искрено, јас работата ја носам и дома речиси секој ден, за викенд па и на годишен одмор. Она што го научив е дека со тек на време се навикнуваш и сето тоа ти станува нормално и дел од животот.
Интервјуто е преземено од интернет порталот: PolnaCasa.MK