Интервју со Влатко Стојановски за остварените достигнувања и предизвиците во 2020 година

ИНТЕРВЈУ СО ВЛАТКО СТОЈАНОВСКИ: МИНАТАТА ГОДИНА МИ ДОНЕСЕ ТРАНСФЕР ВО ФРАНЦИЈА, ВО ОВАА САКАМ ПЛАСМАН НА ЕП!

Интервју со Влатко Стојановски: Минатата година ми донесе трансфер во Франција, во оваа сакам пласман на ЕП!

Влатко Стојановски зад себе ја остави успешната, за него, година на професионален план. Направи трансфер во Франција, има можност да биде дел од Топ 5 во Европа, а стигна и до репрезентативниот дрес каде што на своето деби успеа да постигне гол во Виена против Австрија.

Стојановски игра за Ним. Можеби француската лига не е толку атрактивна како Шпанија или Англија, но секако и тука има добри тимови и играчи, пред се се мисли на ПСЖ, Монако, Лион…

ВО ФУДБАЛОТ НЕ СЕ ЗНАЕ НИКОГАШ

„Во фудбалот не се знае кога ќе направиш трансфер. Но, имав одлична сезона, завршив како прв стрелец, па неминовно стигнаа и понудите. Секоја лига во тие Топ 5 е различна. Чувството да се биде во едно такво првенство каде има голем број светски играчи, е одлично, тоа е мотив плус за работа и докажување. Како што е познато, Франција е светски првак, и сите тие кои играат во таа селекција, некогаш тргнале од тука, од францускиот шампионат. Сега се искачија на врвот на Светот“, рече Стојановски.

ЖИВОТОТ ВО ФРАНЦИЈА Е СУПЕР, ВЕДНАШ СЕ ПРИЛАГОДИВ

Обично на еден фудбалер му треба одреден период да се прилагоди во нова средина, а Влатко Стојановски вели дека немал никаков проблем.

„Животот во Франција е супер, лесно се прилагодив уште од првиот ден бев одлично прифатен“, вели Стојановски кој што открива дека во Франција нема посебен режим од клубот околу исхраната.

„Нема посебно мени, но јас се хранам како секој спортист. Јадам месо, а 1-2 пати во неделата и морска храна“, вели Стојановски.

ВРЕМЕ Е МАКЕДОНИЈА ДА ИГРА НА ЕП!

Стојановски имаше и импресивно деби во националниот тим, сега се надева дека добрите игри ќе продолжат и дека ќе оди на ЕП заедно со своите соиграчи од репрезентацијата.

„Нормално, сон на секој играч е да го носи националниот дрес. Ете, мене сонот ми стана јаве. Среќен сум што играм, а ќе бидам неизмерно среќен ако со селекцијата играме на Европско првенство. Време е за еден репрезентативен успех, а мислам дека оваа генерација го заслужува. Игравме добро во квалификациите, завршивме на третото место, а со малку повеќе среќа можевме да бидеме и втори. Сега шансата ни е Лигата на Нации. Сите сме подготовени да изгинеме за да дојдеме до тој голем успех, до тоа ЕП“, заврши Стојановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

%d bloggers like this: