Интервју на градоначалничката Соња Стаменкова за CIVILMEDIA

Стаменкова: Преку моето транспарентно работење се борам против лажните вести и дезинформации

„Мојата филозофија е отворен пристап кон луѓето, разговарање и кажување на вистината“

Градоначалничката на Општина Македонска Каменица, Соња Стаменкова, во разговор за ЦИВИЛ Медиа, зборуваше за начинот на спроведување на транспарентни и одговорни политики во општината, како граѓаните се информираат за активностите на Општината и за односот меѓу локалната и централната власт.

„Она што најмногу го забавува развојот на Општината е недостатокот на стратешки документи. Како прва и основна задача си дадовме за цел да ги изготвиме стратешките документи. Во тек е подготовка на два стратешки документи, а продолжуваме со стратегијата за млади, за туризам… Секогаш се може повеќе. Колку и да сметаме дека сме направиле максимум што сме можеле секогаш останува простор даа кажеме дека сме можеле многу повеќе. Но, најважно е да се задоволат потребите на граѓаните, но и да се постави точна дијагноза на проблемот, за да полесно се дојде до решението“, изјави Стаменкова, задоволна од сработеното во две години градоначалнички мандат.

Стаменкова се пофали дека во однос на транспарентноста и одговорноста на политиките што ги спроведува како градоначалничка.

„Со почетокот на мојот мандат затекнавме една општина која од над 80 општини беше на 50 место по транспарентност и претпоследна во Источниот плански регион. Оваа година резултатите покажуваат сосема поинаква слика. Бевме на второ место, сега сме на прво место во регионот по транспарентност, додека на ниво на државата сме на 13 место. Ќе се залагаме да се качиме на уште повисоко на државно ниво, затоа што ветивме транспарентна општина, транспарентно работење и граѓаните заслужуваат да знаат каде се трошат нивните средства. Она што ми чини особено задоволство е што го видовме недостатокот, ангажиравме лице што е задолжено за објавување на годишните планови, постапките, јавните набавки, на сето она што ја чини Општината транспарентна. Она што ни недостига освен стратешките документи се и ISO стандардите. Станавме членка на Институтот за стандардизација. Во план сме да ги искористиме целосно капацитетите на Институцијата за да ги донесеме и овие сертификати во општината“, изјави Стаменкова.

Ниту Општина Македонска Каменица, не е имуна на лажни вести и дезинформации. Стаменкова посочи дека се специфични кампањите на жените кандидатки за градоначалник што довело со соочување со негативна кампања против неа исполнета со говор на омраза и омаловажување на жената како личност.

„Секогаш ја наоѓам позитивната страна на она што се пишува, ја извлекувам поентата и ја пласирам во јавноста. Да, се соочувам со лажни вести и критики, но како градоначалник и со моето работење преку транспарентноста давам можност секој да процени дали тие вести се вистините или не. Избегнувам да се конфронтирам, затоа што тоа на луѓето што ги пласираат тие лажни вести им се дава материјал да продолжат и понатаму“, дополнува Стаменкова, која инаку по вокација е и психолог.

Градоначалничката Стаменкова секогаш е отворена за граѓаните, сметајќи дека доколку луѓето одвоиле од своето време 5 до 10 минути, тогаш тоа е најмалку што од неа се очекува. Таа е задоволна од релацијата локална – централна власт.

„Со самото стапување на оваа функција, подготвена да се соочувам со критики, отколку со пофалби… Мојата филозофија е отворен пристап кон луѓето, разговарање и кажување на вистината“, истакна Стеменкова.

Симона М. Живкова
обработка на текст: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Дехран Муратов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *