Изгаснат пожар во атарот на село Дулица. Изгореа 2,5 хектари дабова шума

Македонска Каменица, 12.04.2020 година – Покрај натчовечките напори кои Територијалната противпожарна единица во Македонска Каменица ги вложува со вклученоста со секојдневната дезинфекција на градските улици и јавни површини во градската средина, веќе втор ден по ред интервенираат на терен за гаснење на шумски пожари. Вчера за брзо време успеаа да изгаснат шумски пожар во село Цера, а денес во попладневните часови беа вклучени во акција за гаснење на шумски пожар во село Дулица, во Медарско маало.

При денешниот пожар беа зафатени околу 2,5 хектари дабова шума. Пожарот беше ставен под контрола, односно локализиран. Потоа и целосно изгаснат од припадниците на ТППЕ Македонска Каменица и двајца вработени во ПЕ Национални шуми „Делчево“ – изјави Малин Трајчевски, командир на ТППЕ Македонска Каменица.

Трајчевски упати апел до граѓаните да се воздржат од палење на огнови на отворено, пред се поради непредвидливите временски услови, со моментална појава на силен ветар и посебно внимание поради вонредните услови во кои функционира единицата поради вклученоста во спречувањето и ширењето на заразата со Ковид 19.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *