За што најчесто размислувате додека сте во тоалетот од вашиот дом?

20 ноември 2017 kamenica.mk
За што размислувате додека сте во тоалетот во вашиот дом?

МАКЕДОНИЈА

Сигурно не помислувате дека сте дел од привилегираните 40 отсто од светското население што воопшто има тоалет во домот што нуди соодветна санитарна заштита на живеалиштето. Ниту дека поради тоа не сте дел од над 800 илјади луѓе што годишно умираат поради лошите санитарни услови

 

Околу 60 отсто од луѓето на планетата, околу 4,5 милијарди, или немаат тоалет дома, или тој не нуди безбедно отстранување на екскретите, соопштува организацијата Новинари за човекови права по повод денешниот Светски ден на тоалетите.

Во 21 век, според овие податоци, и натаму има 869 милиони луѓе што вршат дефекација на отворено, немаат никаков тоалет.

Како тоа влијае врз нашите животи? Вкупно 1,8 милијарди луѓе користат нетретирани извори на вода за пиење, без заштита од фекалии. Глобално, околу 80 отсто од отпадните води се враќаат во екосистемот без да се прочистат и ја загадуваат околината.

Само 39 отсто од светското население или 2,9 милијарди луѓе имаат безбедно управувани санитарни услуги.

„Во комбинација со безбедна вода и добра хигиена, подобрената санитација може да спречи околу 842 илјади смртни случаи годишно“, се вели во соопштението од Филип Спировски, извршниот директор на организацијата.

Каква е состојбата во Македонија? Најголем дел од населението има тоалети во домовите, но за „Новинари за човекови права“ тоа не е доволно за да се каже дека санитарните услови се соодветни.

Во соопштението се додава дека само 18 отсто од територијата е покриена со канализациска мрежа. Во урбаните средини, 87 отсто од канализацијата е приклучена на градската мрежа, додека во руралните во 79 отсто од домаќинствата се користат септички јами. Исто така, има дел од населението за кој проблемот со санитарните услови е многу поголем.

„Само 16 проценти од Ромите кои живеат во Скопје имаат тоалет во домот. Останатите користат тоалети надвор од своите домови“, се додава во соопштението.

Од организацијата нагласуваат дека фекалиите се излеваат во животната средина и шират смртоносни болести, сериозно поткопувајќи го напредокот на здравјето и преживувањето на децата. Додаваат дека дури и во богатите земји третманот на отпадните води може да биде далеку од совршен, и поради тоа реките и крајбрежјето да бидат небезбедни за риболов.

Од друга страна, се укажува дека безбедниот третман на отпадните води може да биде извор на енергија, хранливи материи и вода.

Leave a Reply

Your email address will not be published.