ЖКК „БАСКЕТ КАМ“ СО ПОБЕДА ЈА ЗАПОЧНА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА КОШАРКАРСКА ЛИГА НА МАКЕДОНИЈА

ЖКК Баскет Кам од Македонска Каменица со победа во гости ја започна својата прва сезона во Првата кошаркарска лига на Македонија (Жени). Во денешното прво коло, со високи 51:76 го совлада ГКК Гостивар, во натпревар на кој потполна доминација на теренот, контрола на резултатот и играта имаа девојчињата од Македонска Каменица.
На денешниот натпревар најпрецизна во редовите на ЖКК Баскет Кам беше Бојана Попова со 27 постигнати поени, државната репрезентативка до 18 години Сара Спировска одигра одличен натпревар во кој постигна 19 поени и Моника Зафировска со 14 поени.

Денешниов натпревар покажува дека трудот вложен во напорното и систематски правилно работење, во изминативе 5-6 години вродува со плод и ги покажува првите резултати. Каменица за прв пат во својата спортска историја има прволигашки кошаркарски тим кој ветува успеси и победи во континуитет. Успехот и постигнатото ниво во кошаркарската игра на девојчињата од нашиот град, само ги потврдува нивните пролетни достигнувања во Ф4 натпреварувањата. Тие, да се потсетиме, како финалисти во категорија до 18 години го освија второто место и трето место во категоријата до 16 години.

Најголем куриозитет и факт што треба да се спомене, е тоа што тимот создаден од тренерите Јордан Цветановски и Горан Даниловски, го сочинуваат девојчиња кои произлегуваат од школата на ЖКК Баскет Кам од Македонска Каменица. Единственото засилување на тимот, репрезентативка на Македонија до 18 години, Сара Спировска од Битола, со денешниот феноменален настап, веќе го оправда своето место во тимот на каменичанки.

Општина Македонска Каменица и Рудник САСА со спонзорирањето и поддршката која му ја даваат на КК Баскет Кам на многу млади таленти од нашиот град им овозможија да постигнат огромни успеси и напредок во кошарката. Со тоа на над 100-тина дечиња од повеќе возрасти им овозможуваат активно да тренираат кошарка и да се занимаваат со спорт. Десетина од нив ги бранат боите на македонската кошаркарска младинска репрезентација во повеќе категории. Вреди да напоменеме дека машката екипа на КК Баскет Кам веќе втора година успешно се натпреварува во Втората кошаркарска лига на Македонија.

Се надеваме дека веќе следната недела, во наредното коло ќе се радуваме на нова победа против ЖКК Борец од Велес, во спортската сала во Македонска Каменица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *