ЖКК БАСКЕТ КАМ ПРОТИВ СКОПСКИ БАДЕЛ ВО БОРБА ЗА НОВ ТРОФЕЈ НА МАЛОТО РУДАРСКО ГРАДЧЕ НА ИСТОКОТ ОД МАКЕДОНИЈА

Екипата од Македонска Каменица оствари повеќе победи (3-1) од бранителот на титулата во досегашниот дел од сезоната

ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ-ПЛЕЈ-ОФ-ФИНАЛЕ: Бадел 1862 ќе бори и со „заморот“, шанса повеќе за „предизвикувачот“, Баскет Кам

Денеска од 16.30 часот, во салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица, кошаркарките на Баскет Кам 2011 и Бадел 1862 ја отвораат последната серија во сезоната, онаа која треба да го даде и новиот државен првак во женска сениорска конкуренција.

„Баделки“ во доста изменет состав од оној ланскиот, шампионскиот, влегуваат со ореолот на бранител на титулата, а против себе ја имаат екипата со која најчесто и ги играа финалните мечеви, особено тоа се однесува за последните три првенствени сезони.

Овие две екипи си поделија по еден шампионски „прстен“.

Лани „баделки“ ја добија серијата со (3-1), а една година порано ситуацијата беше различна, шампионскиот пехар за прв пат и досега единствен, замина за малото рударско гратче на истокот на Македонија.

Како ќе биде во оваа финална серија во која исто така „се бараат“ три победи за титула, останува да (по) кажат актер(к)ите на теренот.

Оваа сезона, интересно, двата најголеми ривали во последните три, одиграа вкупно четири натпревари. А извесно е и тоа што на три од нив победи „предизвикувачот“ во големото финале – Баскет Кам 2011.

Двете екипи си поделија по една победа во регуларниот дeл од сезоната во Првата „А“ група…

На првиот натпревар одигран во Скопје, победи гостинската екипа. Баскет Кам 2011 го доби првото дерби во сезоната со (73:67). Бадел 1862 се реваншираше со победа во Македонска Каменица, макар и минимална (66:65). Но тоа не беше доволно да го симнат својот противник од првото место на табелата по 14. одиграни кола, поради што и серијата во финалето стартува токму од салата „Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица.

Во второто издание на Суперкупот „Драган Василов-Цевка“ во женска конкуренција, екипата од Македонска Каменица излезе како победник во дуелот со Бадел 1862 (69:61) и го освои првиот трофеј во оваа сезона.

А Баскет Кам 2011 беше подобра екипа од Бадел 1862 и во полуфиналето од националниот Куп. На 17.февруари, во салата на СРЦ „Кале“ екипата која ја предводи Златко Гоцевски победи со резултат (70:61) и по трет пат во три години обезбеди пласман во финалето на завршниот турнир „Благоја Георгиевски-Буштур“. Но во финалето подобри од нив беа кошаркарките на МЗТ Скопје Аеродром.

Тоа, а и податокот дека своите задачи во полуфиналето ги завршија во само три натпревари, и потрошија далеку помал процент на енергија потребен за играње вакви натпревари на секои три, евентуално четири дена, донекаде и им дава мали, и за нијанса поголеми шанси за освојување на драгоцениот трофеј на кошаркарките на Баскет Кам 2011.

Сепак, првиот тренер на тимот од Македонска Каменица, Златко Гоцевски, смета дека пред себе имаат екипа која и покрај сериозните промени во играчкиот ростер, успеа да дојде до оваа финална серија која го дава новиот првак.

„Имавме поголем број на слободни денови во однос на прoтивникот кој играше максимални пет мечеви во полуфиналето. И веројатно кај нив ќе се почувствува некој замор. Не се потпираме на тој момент, туку многу поголемо внимание ѝ посветуваме на нашата игра. Се обидoвме во овие денови кои се зад нас, да унапредиме некои сегменти во нашата игра кои треба да ги користиме во оваа финална серија. Се надевам дека и ќе ги реализираме. Особено е важно да имаме добар старт во оваа серија која го решава првенството. Многу е важно да останеме здрави, да играме во комплетен состав. Го респектираме противникот, кој успеа да дојде до последното скалило во сезоната, да игра во ова финална серија во која сигурно и тие влегуваат со свои амбиции и очекувања. Но одиме чекор по чекор. Натпревар по натпревар. Размислуваме само за првиот, денешниот. Верувам во девојките, верувам дека ќе го дадат последниот атом од енергијата во обид да ја отвориме серијата со победа“ – вели Гоцевски.

Извесно е дека голем хендикеп за актуелниот шампион ќе биде недостатокот на одмор пред почетокот на големото финале, ако се знае дека екипата „се потроши“ во оние пет мечеви со екипата на Струга 2009 во полуфиналето.

Сепак, девојките во „сино-жолта“ комбинација забораваат на заморот, а тренерот Перо Стамески очекува квалитетни натпревари во финалето во кое се среќаваат две екипи кои доста добро се познаваат.

„Оваа сезона со екипата на Баскет Кам одигравме четири натпревари. И добро се познаваме. Играат брза и ефикасна кошарка. Имаат предност на домашен терен. Сепак, и ние имаме одредени квалитети кои ќе ги покажеме во ова финале. Очекувам натпреварите да бидат квалитетни, неизвесни, и љубителите на кошарката да уживаат во нив“– вели пред стартот на финалето, долгогодишниот предводник на „баделки“ од тренерската клупа.

Од оној официјален дел, судиската тројка на првиот меч од серијата ја чинат: Андреј Златевски, Владимир Крстевски и Кристиан Филиповски, додека во улога на делегат е Сашко Донев.

Извор: kfsm.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *