Во делчевското село Стамер жителите ја градат првата црква. Организирани сами и со поддршка на донатори, тие успеаја да го издигнат храмот кој го посветуваат на светиот пророк Еремија, кога се слави и славата во селото.
- Проектот ни од владиката Иларион спрема бројот на населението така се прави и квадратурата, материјалите се донација од разни физички и правни лица, а местото, 510 квадрати, е донација од нашиот сограѓанин Игнат Николовски. Планираме да го средиме и хортикултурно, вели Зоран Димитровски, жител на село Стамер.
Досега во изградбата на црквата е инвестирано 12 илјади евра. Но, според пресметките, овде е потребно уште околу 6 илјади за фрескоживописот.
- Апел до нашите сограѓани и пошироко во странство за да помогнат за црквата, а кој што ќе донира ќе биде исцртана негова слика во црквата, вели Зоран Димитровски, жител на с. Стамер.
Значењето на црквата е големо за жителите од селото кое некогаш било турско, а од 60-тите години на минатиот век, овде се населуваат, христијаните.
- Патрон празник на селото е Свети Еремија, тој е голем христијански празник, јас се сеќавам како дете дека во 70-те години немаше дожд и по обречувањето на славата заврна дожд, вели Мирко Стојменовски, жител на Стамер.
Жителите очекуваат дека сите градежни работи и хортикултурното уредување ќе бидат готови до идната пролет, а првата богослужба во првата црква во селото ќе се одржи на празникот посветен на светот пророк Еремија на 14 мај.