Експропријација: Парче од мојот имот за пат за сите

Експропријација: Парче од мојот имот за пат за сите

9 јануари 2018 (kamenica.mk)

Тековните инфраструктурни проекти во Македонија отворија бројни експропријации на земјиште на граѓаните. Во ваква ситуација неретко јавниот интерес на државата за изградба на патишта, автопатишта, пруга, гасовод, а кој е дефиниран со закон, надвиснува над приватната сопственост на граѓаните. Оваа честопати непопуларна постапка  што по дефиниција значи принудно одземање имот од страна на државата предизвикува реакции од граѓаните кои сметаат дека се онеправдани  со понудените надоместоци, но и забавува клучни проекти што се врзани со рокови.

Од надлежните институции велат дека имаат разбирање за реакциите на граѓаните со оглед дека станува збор за нивен имот, но од друга страна посочуваат дека законот е јасен и оти и во случај кога граѓанинот не сака да го отстапи имотот има точно предвидена постапка со која се пристапува кон изградба.

Износот што го добиваат граѓаните по основ на експропријација се движи од 30 денари до 2.000 денари за метар квадратен. Најдобри пари, како што велат луѓето од оваа област, се добиваат за лозја и за насади со ореви.

Сега на терен е најактуелна експропријацијата за трасата на која треба да се гради експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, а која ја спроведува Јавното претпријатие  за државни патишта.

Во документите што ги приложуваат граѓаните се наведува дека за земјиште заведено како ливада од седма класа треба да се исплати надомест од седум денари за метар квадратен, или на пример за површина од 2.508 метри квадратни се добива сума од 17.556 денари. За насадите кои се наоѓаат на таа површина, пак, за пасиште е утврдена вредност од 0,50 денари односно за 2.508 метри квадратни 1.254 денари.

К паланка штети Од ЈПДП  велат дека генерално за трасата Ранковце Крива Паланка има многу малку спогодби бидејќи сопствниците на парцелите што се предмет на експропријација не се согласуваат со цените за земјиштето кои се релативно ниски.  Како што појаснуваат, такви цени се добиени од општините Крива Паланка и Ранковце затоа што локалните самоуправи ги носат одлуките за утврдување на пазарната вредност на земјиштето врз основа на која се формира надоместот.

Поинаква е состојбата со експропријацијата за изградбата на автопатите. На Миладиновци-Штип нема проблеми, освен за поединечни парцели каде има по некој објект. За  изградбата, пак, на автопатот Кичево-Охрид најголемиот дел од земјиштето е експроприран, а таму има проблеми со објектите во кои живеат луѓе. Во 90 проценти станува збор за дивоградби, а земјиштето што го поседувале им е експроприрано во постапка за експропријација. Сега не можат во формална постапката да му одземат објект што не му е во сопственост. За објектот му следува надомест што е еднаков на вложувањето во таа градба. Законот за експрпријација, пак, ги штити  луѓето кои живеат во објектите и вели  дека треба да им се обезбеди или паричен надомест или замена каде да се сместат  и додека тоа  не им се обебзеди не може да се иселат од таму, појаснуваат од ЈПДП.

Праксата покажува различни искуства на граѓаните со проценката на вредноста на имотот при екпропријацијата. Некои веднаш ја прифаќаат проценката, а некои бараат дополнителна. Има и случаи кога се потврдува проценката од државата, но и кога се добива повисок износ. На пример во Охрид по дополнителна проценка граѓани добиле доста повисоки цени,  за 50 проценти, а некаде и за 100 проценти. За потегот кај Кичево, пак, има многу случаи кога со супервештачење се потврдила процената од Бирото за вештачење. Тие добиваат иста сума како првичната, но со задоцнување од две години  и со многу трошоци. Неможе да се предвиди од почеток како ќе биде.

Од ЈПДП раскажуваат и за искуства кога државата градела и цркви и куќи за да добие слободен простор за изградба на одреден пат. Но, имало и ситуации кога граѓаните сами се јавуваат и бараат да им биде експропреиран имот бидејќи земјиштето не можат да го продадат или е неплодно. Има и ситуации кога  физички го попречуваат пристапот до местото.

–  Имаме право да влеземе во владение и да градиме согласно Законот кога решението за експропријација ќе стане правосилно, независно дали надоместот е исплатен или не, а имало и случаи кога луѓето не дозволувале да се гради, попречувале физички, но законот има решение и за тоа се прави присилно воведување во владение со полициска асистенција. Тоа се  неблагодарни мерки  и се обидуваме да го решиме тоа мирно, но сме имале и такви случаи, раскажуваат за МИА од надлежните служби во ЈДПП.

Највисоки надоместоци се добиваат за експропријација на имот на патот Кичево-Охрид за делот што е најблиску до Охрид од катастарските општини  Охрид  и Оровник. Веќе има неколку правосилни  решенија од суд и луѓето добиваат околу 2.000 денари  за земјиште од метар квадратен. Значително се ниски износите за Крива Паланка, околу 30 денари за метар квадратен.

Како се спроведува постапката за експропријација?

При почнување на постапката се прави елаборат за експропријација за опфатот на трасата. Според Законот за експропријација, треба да се направи процена на земјиштето, на насадите, шумите и на другите вложувања. Процените ги прават овластени  проценители,  односно Бирото за судски вештачења и за некои процеси на тендер се ангажираат проценители, согласно методологија за проценка, при што се земаат пазарните цени од општината, како и разни параметри ако има купопродажба од слободниот пазар.

–    Проценителите тоа го прават независно од нас. Најчесто луѓето не се задоволни и ги разбираме бидејќи тоа им е земјиште и нивен имот. Некогаш и се задоволни и  имаме спогодби, велат од ЈПД:

Правда 1.jpgКога ќе се изготви проценката луѓето се повикуваат на расправа  во управите за имотно-правни работи во надлежната општина и им се понудува цената  која е дадена од проценителите за земјиште, насади, посади, или за други вложувања на нивниот имот. Доколку се согласат со понудата се склучува спогодба во управата и парите се исплаќаат веднаш. Ако не се согласат се носи решение за експропријација и кога  тоа ќе стане правосилно државата веќе има сопственост врз тоа земјиште  и има право да гради иако надоместот се уште не е исплатен. Откако ќе стане правосилно решението постапката се префрла во судот во вонпарнична постапка каде што се утврдува надоместот. Во таа постапка странките  имаат право сами да си направат своја процена и после судот одлучува или  ги споредува двете процени, кои  некогаш  се исти некогаш се различни, некогаш се повисоки.  Се прави усогласување на процените, а  во случај да не се усогласат се прави супер вештачење па врз основа на него судот определува надомест. Кога судското решение ќе стане правосилно исплатата се врши врз таа основа.

Граѓаните неинформирани за своите права

Има случаи кога граѓаните не одат на спогодбените состаноци поради потребата од патување што им е трошок или пак имаат нејаснотии затоа што им се нерешени имотно-правните односи за парцелите што треба да се експропреираат.

Ако граѓаните имаат уредна покана за спогодбен состанок расправата се одржува во нивно отсуство, но се носи решение за  експропријација со кое понатаму постапката продолжува во судот. Во случај граѓаните да не дојдат на рочиштето судот одлучува според понудата на државата.  Како што истакнуваат од ЈПДП граѓаните  имаат право да одат на суд. Ним им следуваат патни  трошоци, кои може да си ги побараат на расправата и ќе им се исплатат. Некогаш странките не се информирани и не си ги знаат сите права.

Случаи во кои граѓаните сметаат дека им се нарушени права при експропријација се пријавуваат и кај Народниот правобранител, но во последните две години значително помалку во однос на претходниот период. Причната е јасно дефинираната обврска институцијата која ќе побара експропријација да има утврдено ставка и обезбедено пари за исплата на надомест, како и подготовка на целата документација. Без тие работи воопшто не се изготвува решението од страна на Управата за имотно правни работи.

До Народниот правобранител годинава граѓаните поднеле само две претставки за експропријација. Во едниот случај граѓанин бил незадоволен од исплата на надоместот, а вториот се однесува на т.н економска онеправданост, односно експроприран е само дел од парцела, со што таа станува некорисна за сопственикот. Сега тој бара да му биде експропреирана целата парцела.

Минатата година имало две пријави со реакција на износот на надоместот, а во осум случаи било побарано целосна експропријација на парцела на потегот на кој се гради автопатот Кичево – Охрид.

Од ЈПДП за експропријација во минатата година беа одвоени 180 милиони денари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *