Еве како да вратите ДДВ од Бугарија и Грција

Една третина од Македонците кои шопингуваат во Грција, Германија, Турција не си го враќаат платениот Данок на додадена вредност (ДДВ) во продавниците и трговските центри таму. Дел од граѓаните не знаат дека можат да си побараат таканаречен такс фри формулар или пак не се информирани дека воопшто може да се земе данокот назад. Сепак од исплатните места во Скопје велат дека во последните неколку години значајно се зголемил интересот на граѓаните за поврат на ДДВ-то. Нема податок колку точно пари сме можеле а не сме подигнале, затоа што пресметките одат во земјите каде пазарувале граѓаните. Инаку во секоја земја е различен минималниот праг кој треба да се потроши за воопшто да се земе повратот. Се разбира во секоја земја и данокот се пресметува по различна стапка, но Фактор ги извади податоците од земјите кои ние најмногу ги посетуваме.

ТРИ ПАТИ ПОГОЛЕМ ИНТЕРЕС

На одмор во Грција ама и на шопинг во некој од тамошните трговски центри. Граѓаните често знаат да заминат во оваа соседна земја и специјално само за купување, особено кога има попусти. Сега е сезоната па од исплатните места во Скопје велат дека интересот за поврат се зголемува. Но трендот е нагорен и во сите неколку години претходно.

„Државјаните на Македонија многу често ги користат услугите за повраток на ДДВ од сите земји на ЕУ.Во последните пет години побарувачката за повраток е зголемено за три пати повеќе од претходните години, најчесто од Грција и Германија, и тоа може се должи на тоа што во Грција претходно беа потребни минимум да се потрошат 120 евра за да биде издаден таков формулар, а сега тоа е намалено на минимум 50 евра, велат од менувачницата Кортекс каде може да се пополнуваат документите и да се врши повратот.

Инаку такс фри формуларот се зема на лице место од продавницата во која сте пазареле, на каса. Таква можност имаат граѓаните кои не се членки на Европската Унија кога пазарат во членки, што значи дека тоа барем засега се уште важи и за Македонја. Истиот документ мора да биде заверен и на царина од последната земја од Европската земја која ја напуштате. Ако тоа е случај со Грција, парите можат да се подигнат уште веднаш во канцеларија на Евзони, ако не тоа може да се стори и во еден од исплатните центри.

КОЛКУ ВРАЌААТ ДРЖАВИТЕ

Во Грција минимум потрошената сума за да се земе поврат е 50 евра. Основната стапка на ДДВ таму моментно е 24 отсто. Ако сакате да пазарите во Италија за да си вратите дел од платениот данок треба да се упатите прво во продавница која е такс фри. Таму треба да потрошите минимум 155 евра за да побарате данок, а стапката на ДДВ е 22 отсто.

Во Унгарија, за да добиете поврат треба да потрошите минимум 175 евра во иста продавница и во еден ден. Стандардната стапка на ДДВ во оваа земја е 27 проценти, на храната е 18 отсто, а на лековите и книгите пет проценти. Парите терба да се побараат за 90 дена.

Во Бугарија, минималниот износ што треба да е потрошен изнесува 250 лева или околу 125 евра. Треба да се има една сметка и покрај тоа што можете работите да ги купите во различни денови.

 

Во Германија пак за да си вратите данок назад треба да имате сметка која не е помала од  25 евра. Таму стапката на ДДВ е 19 проценти, додека на книги и на храна изнесува седум отсто.

Во Австрија минималниот износ за поврат изнесува 75 евра. Стапката на ДДВ во Австрија е 22 отсто.

Словенија им одобрува на странците поврат на ДДВ на купената стока за минимален пазар од 50 евра, додека во Хрватска потребно е да потрошите минимум 67 евра.

Во некои земји парите може да се подигнат и кога повторно ќе се вратите во истата продавница во рок кој варира од држава до држава. Соседна Србија исто така враќа 20 отсто од данокот на странски државјани кои не се даночни обврзници и кои немаат живеалиште во таа земја. Минималниот износ на робата која е купена таму за да се добие поврат треба да изнесува 150 евра. Македонија не одобрува поврат на ДДВ за странски физички лица.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *