Дина Муцунска – за успешна бизнис приказна како “Манастир” во Берово е потребна јасна визија

Раскажете ни ја вашата успешна бизнис приказна, како започна се и како се развиваше до денес?

Со угостителството од работен аспект, прв пат се соочив уште на 15 години. Моето семејство поседуваше кафе/ресторан, а моја прва летна работа, беше послужувач. Подоцна како семејна инвестиција дојде хотелот, а јас сосема спонтано, не наметнато од моите родители, а сепак природно, се вклучив во организацијата на неговоата работа.

На почетокот Манастир беше мал. Токму тоа овозможи и покрај тоа што јас бев млада и неискусна во полето на хотелиерството, да се развиваме и да растеме заедно. Веројатно имавме среќа и двајцата, или пак бевме добитна комбинација и не за многу време, нашата приказна се здоби со одличен развоен тек, а од денешна перспектива, можеме со гордост и задоволство да ја наречеме успешна. Манастир порасна во хотел со 4 ѕвезди, со 35 соби и апартмани, ресторан, 2 ресторански тераси, ориентална мултифункционална сала за настани, сала за семинари, спа центар, детско игралиште и спортски терени. Имаме и навистина голема понуда на забавни и рекреативни активности во кругот на хотелскиот комплекс, а и надвор од него. Тие се чест избор, како од туристичките индивидуални или групни странски или домашни гости, така и од групите од корпоративнен карактер, кои се наши чести посетители.

Кои се вашите три најзначајни вештини што ве прават успешна жена претприемач?

И покрај тоа што не звучи скромно, искуството и лесно видливите и мерливи успеси, самите докажуваат  дека карактеристики кои најконцизно ме опишуваат се лидер, човек со докажан инегиртет и кредибилитет и одличен познавач на полето во кое професионално делувам. Па така, како една од најзначајните сопствени вештини ќе ја истакнам умешноста таква и да ме доживеат оние со кои соработувам или општо јавноста, кое пак  е многу важно за градењето на меѓу-човечките односи и создавањето чувство на сигурност и доверба. Би ја навела и комуникацијата, чии вештини навистини ми се предизвик и во која со текот на годините станувам се подобра и ја чувствувам како моја многу силна страна. Комуникацијата за мене е огромно поле за владеење и токму таа според мене е одговорна за постигнување на се поголем број успеси. Во неа влегуваат и многу важните мотивирање, градење на човечки релации, менторство, споделување на информации, поттикнување…. Како трета сопствена вештина која всушност интегрира се што сум јас, ќе ја наведам способноста за воспоставување баланс. Мислам на севкупен баланс помеѓу сите сегменти од моето живеење и на бизнисот и на семејството и на другарствата и на спортот и останатите мои задовослства и ангажмани. До колку си дозволиме да настане личен дизбаланс во однос на сето истакнато, ќе се насобере незадоволство кое ќе продуцира фрустрации, кои пак ќе се рефлектираат сериозно и врз деловната успешност, ако не на пократок, на подолг временски период сигурно.

Кога би можеле кои работи би ги промениле за да го подобрите женското претприемништво и претприемништвото воопшто?

Ќе говорам за женското претприемништво, а аналогно со негов придонес  би се подобрило и претприемништвото воопшто: кредити полесно достапни и поповолни за жени; мерки како целоосна финансиска подршка на консултантстки услуги од жени експерти во одреден соодветен професионален домен, за старт уп бизниси и бизниси во првите години на развој, предводени од жени; организирани форуми за женско претприемништво и тоа по сите градови во државата каде гласно ќе се говори за успесите, предизвиците и потешкотиите на успешните приказнии, на кои ќе се мотивираат, инспирираат и охрабруваат жените на едукација, акција и реализација….

Каков совет би им дале на жените кои сакаат да отпочнат сопствен бизнис?

Превземањето одговорност за самите себе и отпочнување на свој бизнис не е ниту едноставо, ниту лесно, но придобивките од успешната приказна која може да се роди, како самостојност и слобода, се вредни па и за тројно повеќе труд, потешкотии и вложувања. Децата не се препрека, туку се само мотив повеќе, за да бидете фокусирана, истрајна и решена за успех. Нема поголема инспирација за една жена, од успех, за да овозможи или допринесе за поквалитетен живот на нејзините деца. Мора јасно да ја имате пред себе визијата за својот иден бизнис, да си поставите нацрт развоен пат со временски рамки. Ако можете низ детална анализа да согледате реални шанси за негов успех, бидете самоуверена, фокусирана, опкружете се со позитивни, вредни и посветени луѓе, кои ќе бидат исто толку мотивирани со желбата за успех како и вие, превземајте ги чекорите постепено и по многу вложување на време, енергија и љубов, постои голема шанса, да почнете да ја развивате вашата успешна приказна.

Какви се вашите идни планови, каде се гледате себе и вашиот бизнис за една година?

За хотел „Манастир“ плановите се, стабилност во сегашната ситуација, со нормален напредок кој континуирано го имаме и во однос на понудата и услугата, како и додатните содржини за гостите. Туристичката агенција „Манастир“ пак, е нова, но зад неа стои моето големо искуство во туризмот, со што веќе успеавме да создададеме круг на лојални клиенти, кои ни ја дадоа својата доверба. Очекувам брз развој и подем, особено во деловниот туризам, организација на настани како семинари, работилници, конференции, тим-билдинг…, но секако и продажба на туристичките патувања и аранжмани во и вон земјата, како и хотелското сместување и авио-билети. Во однос на експертските ангажмани и консултанството од областа на туризмот, угостителството, хотелиерството и услугата, кои ми се навистина посебно драго поле и каде што можам многу да дадам, чувтсвувам дека доправа ќе се развива свеста за нив, односно потребата и бенефитите од вакви услуги и можностите кои тие ги нудат.

Дина Муцунска - Хотел Манастир
Дина Муцунска - Хотел Манастир

Дина Муцунска - Хотел Манастир

www.zenivoekonomijata.com.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.