Денес предлог до Владата да се санкционира неносењето заштитна опрема

Министерот за здравство, Венко Филипче најави дека Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести денеска до Владата ќе поднесат предлог санкционирањето за неносење заштитна опрема – маска или прекривка на устата и носот во насока на заштита од ширењето на корона вирусот да почне веднаш истиот ден или најдоцна во вторник.
Констатирано e дека голем дел од граѓаните или не користат заштитна опрема или неправилно ја користат.
Надлежните апелираат дека оваа мерка мора да се почитува и потсетуваат дека заштитната опрема се носи така како што е пропишано – на затворено и на отворено кога не може да се држи физичка дистанца од два метри.

Филипче појасни дека на ваков чекор ги натерале се почестите слики во медиумите и на социјалните мрежи со граѓани кои не ја почитуваат мерката за носење заштитна опрема во услови каде е пропишано, но и граѓани кои ја носат маската или прекривката на лицето под брадата или во рака. Има и граѓани кои, како што рече, ја почитуваат оваа мерка свесни дека ова е еден од клучните механизми за борба против вирусот.

Министерот за здравство уверува дека ако доследно ја почитуваме оваа мерка, како и сите претходно за кои има оправданост, ќе се заштитиме и себе си и нашите семејства и сограѓаните, ќе превенираме раст на број на заболени.

Надлежните се уште немаат донесено одлука дали претстојниот викенд на кој му претходи и празникот 1 Мај ќе има тридневно ограничување на движењето на граѓаните. Одлуката ќе биде донесена врз основа на анализа на однесувањето на граѓаните, дали се почитуваат мерките за заштита од корона вирусот за задолжителна заштитна опрема и одржување дистанца.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче соопшти дека од почетокот на епидемијата со корона вирусот не дискутирале за одржување на избори. Смета дека е премногу рано да се зборува за дополнително олабавување на мерките и за организација на настан, како што се на пример изборите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *