Делчево: Со пораката “Учители ви благодариме” одбележан Меѓународниот ден на учителот

Со пораката „учители ви благодариме“ денеска учениците од прво и второ одделение од ООУ „Ванчо Прке“ им го честитаа на своите наставници Меѓународниот ден на учителот 5 Октомври.

Низ детски песни и игра во училишниот двор и многу насмевки, но и со почитување на протоколите, учениците им се заблагодарија на благородната дејност на учителите од ова училиште, каде настава со физичко присуство следат 160 ученици, а 23 ученици во подрачните училишта.

По повод Меѓународниот ден на учителот, заменик-директорката на ООУ „Ванчо Прке“, Маријана Стојменовска истакна дека актуелната пандемија донесе нови предизвици за учителите.

Нашата професија нè научила да бидеме во чекор со современите текови, но и да ги сочуваме достоинството, искуството и работата, да се соочиме со сè што значи промена. Оживотворувањето на воспитнообразовниот процес е нашата примарна цел. Одлуките кои ги носи МОН, како и новиот тип на наставa со далечинско учење, го совладуваме и заедно со нашите ученици имаме успешна интернет комуникација. Најмногу сме им благодарни на нашите ученици кои уште на почетокот на учебната година сфатија дека учењето и знаењето е нивната светлина во тунелот од кој сакаме да излеземе како морални победници. Да го зачуваме нашето здравје и да бидеме одговорни кон задачите и новите наставни содржини, истакна Стоименовска.

Во чест на денешниот ден, градоначалникот Трајковски испрати честитка до сите просветни работници потенцирајќи го огромното значење на професијата учител.

-Овој 5 Октомври е посебен, а тековната учебна година е вистински предизвик на секој просветен работник. Почитувани колеги, наставници, професори, вашата благородна и хумана дејност, вашата професија која оплеменува и им ги отвора вратите во животот  на учениците, е незаменлива. Вложете се во процесот максимално и резултатите ќе бидат видливи, рече Трајковски.

 Соодветен настан по повод Меѓународниот ден на учителот беше организиран и во ООУ „Св.Климент Охридски“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *