Градоначалничката Стаменкова го потпиша Договорот за јавно осветлување по ЕСКО модел во Македонска Каменица

Македонска Каменица, 20.02.2020 година – Вчера, во Министерството за економија градоначалничката Соња Стаменкова заедно со министерот за економија Крешник Бектеши присуствуше на потпишување на Договорите за Јавно- приватно партнерство по ЕСКО модел за јавно осветлување општина Македонска Каменица како корисник и ЕСКО компанијата Македонски Телеком АД – Скопје.
Овој проект е дел од Регионална Програма за енергетска ефикасност во Република Северна Македонија, која ја поддржува енергетската ефикасност со фокус на јавниот сектор, преку Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за што е обезбедена финансиска поддршка од Инвестиционата рамка на Европската Унија за Западен Балкан.

Изјава на градоначалничката Стаменкова и моменти од потпишувањето на Договорот за јавно осветлување по ЕСКО модел во општина Македонска Каменица можете да ги погледнете на следново видео:

Министерот Бектеши, по повод потпишувањето на Договорите изјави дека „Со новиот Закон за енергетска ефикасност кој од вчера официјално влегува во сила, нашата држава во целост ги имплементира соодветните прописи за енергетска ефикасност на Европската Унија. Уште поважно, новиот закон ќе овозможи реализација на потребните инвестиции и мерки во областа на енергетска ефикасност, следејќи ги позитивните примери од земјите на ЕУ и регионот, каде енергетската ефикасност донесува корист на повеќе нивоа, како за граѓаните така и за економијата воопшто. Покрај другото законот ќе овозможи реализација на долгорочни договори за енергетски услуги од страна на друштва даватели на енергетски услуги – ЕСКО. Со ова законско решение, се прецизираат одредбите и модел-договорите кои овозможуваат реализација на проекти за подобрување на енергетската ефикасност, како за ефикасно осветлување така и за други вложувања во енергетска опрема и инсталации каде меѓу другото опфатени се и реконструкции на згради“.

Координаторот на проектот Здравко Стефковски истакна дека ЕСКО компаниите се дефинирани со Новиот закон за енергетска ефикасност кој што е веќе донесен и вчера стапи во сила.

„ЕСКО компаниите ја носат целокупната инвестиција на високо квалитетна ЛЕД технологија за улично осветлување додека крајниот корисник, во овој случај Општините, финансиски НЕ учествуваат. Крајниот корисник Општината ја враќа инвестицијата на ЕСКО компанијата исклучиво преку заштедата на енергија. Во тендерската постапка, општината ја избира онаа ЕСКО компанија која има уредна документација според тендерската документација и ќе понуди најголемата нето финансиска добивка за Општината. Времето на враќање на инвестицијата изнесува во просек шест години, а понудениот животен век на светилките е 100.000 работни часа. За времетраење на договорот целокупното одржување на опремата која е предмет на договорот потпаѓа под ЕСКО компанијата. По завршување на договорот, целокупната заштеда на енергија и опремата остануваат на крајниот корисник т.е. Општината. Ако се земе во предвид дека системот за улично осветлување во просек работи 4.200 работни часа/годишно, во тој случај светилките би требало да работат околу 23 години, потенцираше Стефановски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *