Градоналачничката Стаменкова за моменталната состојбата во Македонска Каменица предизвикана од Ковид – 19

Македонска Каменица, 24.03.2020 година – Градоначалничката на општина Македонска Каменица Соња Стаменкова за „Каменица.Мк“ соопшти дека на територија на општината има 12 лица кои се во самоизолација со изјава, поради тоа што се вратени од странство, но нема лица со решенија за карантин

-Мерките од Владата и Министерството за здравство главно се почитуваат и спроведуваат. Нема лица со решенија во карантин. Има 12 луѓе со изјава кои се во самоизолација, бидејќи патувале во странство. Во соработка со МВР им укажавме на граѓаните дека не смеат да се собираат за време на пандемијата, – изјави градоначалничката Стаменкова

 

 

За спроведувањето на мерките од Владата, Стаменкова потенцираше дека, врз основа на заклучоците на општинскиот кризен штаб, вработените во ЈП „Камена Река“ заедно со припадниците на ТППЕ Македонска Каменица вршат постојана дезинфекција на градските улици, јавните простори и урбаната опрема во градот. Извршена е дезинфекција на просторот околу влезовите во колективните објекти за станување. Се дели бесплатно средство за дезинфекција, кое го добиваат граѓаните од индивидуалните и колективните живеалишта. Целосно е завршена дезинфекција на сите јавни локални и подрачни институции и канцеларии во општината.

 

Општината ги затворила сите спортски објекти и повеќенаменски спортски играчишта со поголема фреквенција на народ, а општината работи со скратено работно време.

Почнувајќи од денес, во соработка со текстилни фабрики од Македонска Каменица започна производството на заштитни маски за потребите на општината. Маските првично ќе бидат доделени на припадниците на МВР, Итните медицински екипи вклучително и матичните доктори со медицинскиот персонал во Здравствената станица „Гоце Делчев“. Исто така медицински заштитни маски покрај комуналните работници и пожарникарите, ќе добијат и учениците од двете општински училишта, сите вработени, пензионерите, лицата со посебни потреби и социјално загрозените семејства на ниво на Општина, – најави Соња Стаменкова градоначалник на општина Македонска Каменица

Општинскиот кризен штаб, како што вели Стаменкова, формирал и тимови од млади за да им помага на постарите за набавување на намирници, кои им стојат на располагање на хронично болните, постарите и изнемоштени лица, социјално загрозените семејства и лицата со посебни потреби.

„Будно ги следиме одредбите на Владата и преку заклучоците на Кризниот штаб како Општина благовремено реагираме и постапуваме кон спроведување на сите мерки. Почнувајќи од денес, по добиени насоки од Министерството за здравство започнаве со опремување на простории за изолација на лица кои ќе бидат третирани со терапија против коронавирусот. Станува збор за околу 20 легла, кои се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе бидат целосно подготвени , – додаде градоначалничката Стаменкова во својата изјава за Каменица.Мк порачувајќи им на своите сограѓани да ги следат мерките и препораките на Владата , бидејќи тоа е единствениот начин без последици и несакани штети да ја поминеме оваа криза и вонредна состојба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *