Во Пијанец со низа обичаи се слават Василица и Стара нова година

Започна одбележувањето на обичаите поврзани со пречекот на Стара нова година во Пијанечкиот регион. Еден од најпознатите адети кои датираат од дамнина е обичајот „Сурова“, традиција која, како што вели делчевецот Стоил Лесовски, е поврзана со маскирање на група дечиња, но и возрасни, кои ги посетуваат домовите на граѓаните изговарајки го зборот „Сурова“.
-На тој ден „суроваскарите“ со музика и песна тропаат на вратите од куќите при што домаќините ги даруваат со топла ракија, грав, ореви, бонбони, пари и други работи. Според старите верувања со самото гласно пеење и извикување „Сурова“, маскираните ги истеруваат злите духови, а во некои краишта се вели дека „Сурова“ значи навестување за доаѓањето на Нова година според стариот календар, вели Лесовски.
Во Пијанец меѓу помасовните е и собирот во село Тработивиште. Таму и денеска голема група граѓани се собраа на плоштадот во селото каде по традиција се одбележува пречекот на Стара нова година. Како што информираат организаторите, во рамки на настанот се крши и лепче со паричка кое потоа се дели на сите присутни.
-Откако ќе се подели колачето, оној кој ќе ја најде паричката ќе биде кум следната година. Ова е традиција која долги години наназад се негува во Тработивиште. За самиот пречек на Стара нова година имаме подготвено топли пијалоци, скара, пиво, а имаме и музички бенд кој го одржува веселото расположение кај присутните. Се надеваме дека оваа традиција ќе продолжи и жителите на нашето село уште многу години ќе го слават пречекот на Стара нова година, велат организаторите.
Во останатите делчевски села обичајот „Сурова“ се изведува на празникот Василица. Одбележувањето најмасовно ќе биде во селото Ѕвегор каде утре ќе се одржи познатиот карневал „Ѕвегорска Сурова“.
Извор: Сител

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *