Во Делчево започна со работа ликовното студио ,,Љубомир Белогаски”

Во Делчево започна со работа ликовното атеље ,,Љубомир Белогаски”. Идејата за започнување со работата на ликовното атеље, како што информираше Методи Толевски, директор на Центарот за култура ,,Никола Јонков Вапцаров” се реализира по повеќе од 10 години кога првично била начната идеја за негово функционирање како дел од работата на Центарот за култура.

-Од денес и на радост на љубителите на ликовната уметност, започнува со работа Ликовното студио и атеље ,,Љубомир Белогаски”. Зошто Љубомир Белогаски, затоа што тој е едно од најзвучните имиња во ликовната уметност кои потекнуваат од нашиот крај. Оваа идеја да се отвори едно вакво студио се провлекува повеќе од една деценија. Целта на ова студио е да им овозможиме на младите и талентирани уметници да го искажат својот талент овде, во нашата установа, истакна Толевски.

Со работата на младите таленти во склоп на атељето ќе раководи познатиот графичар и одговорен за ликовната дејност во состав на Центарот за култура, Александар Белогаски, кој ги повика сите вљубеници во ликовната уметност да се вклучат во работата на атељето.

-Овде имаме обезбедено платна, акрилни бои, четки и сите алатки потребни за да се направи едно ликовно дело. Затоа ги повикувам сите талентирани деца кои имаат талент и љубов кон Ликовната дејност да дојдат во Центарот за култура да сликаат и творат и нормално да се дружат, рече Белогаски.

За младиот Павел Јангеловски кој се придружи на оваа иницијатива најголем мотив му е природата.

-Сакам да го цртам сето она што е во природата, паркови, дрвја зеленила и слично, вели Јангеловски.

Ученичката Андреа Толевска додаде дека оваа идеја е прекрасна можност вљубениците во ликовната уметност да можат да покажат што знаат и умеат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *