Вистината е најдоброто оружје против коронавирусот

Во борбата против пандемијата на коронавирусот најважна е вистината. Тоа го покажува случајот на Кина каде што за првпат се појави вирусот. На почетокот на епидемијата, кога шансите да се сузбие беа големи, челниците на Комунистичката партија на Кина и безбедносните сили ги заплашуваа медицинарите. Уништени се докази, негирани се факти. Резултатот: прво национална епидемија, потоа глобална пандемија.

Влади на кои никој не им верува

Тоа го докажува и случајот со Иран. Режимот своите жители ги лаже веќе со години. Кога владата во Техеран по долго предомислување и против отпорот на некои мули презеде мерки против вирусот, населението не ги сфати сериозно. Тоа беше фатална потврда на изреката: „Кој еднаш ќе излаже, не му се верува ни кога зборува вистина“. Последица од тоа беше големиот пораст на инфекции.

Ваков вирус не го интересира политика. Реторика и фрази не го импресионираат. Единствено се важни фактите. Да се победи вирусот може само со научен разум.

Ebbighausen Rodion Kommentarbild AppРодион Ебигхаусен, автор на коментарот

Десните популисти немаат што да кажат

Добар знак е тоа што политичарите во Европа и во Германија во криза се советуваат со стручњаци и што нивните проценки влијаат на нивните одлуки. Изгледа дека се пребродени изминатите месеци и години во кои десните популисти – АфД во Германија, Виктор Орбан во Унгарија, Матео Салвини во Италија, само да споменеме некои – беа гласни во политиката. Актуелната состојба покажа: кога ситуацијата е сериозна, тие немаат што да кажат.

Пандемијата покажува дека онаа политика која ги игнорира фактите и наместо тоа спроведува демагогија, плаќа висока цена. Не само во Европа, туку и во целиот свет. Многумина оваа цена ја плаќаат со сопствениот живот.

Кога вирусот за неколку месеци ќе биде победен – а со помош на науката тоа ќе појде од рака – тогаш, се надевам, ќе остане и сфаќањето дека само вистината е вредна. Токму во политиката.

Родион Ебигхаусен

Извор: Дојче веле

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *