12.XI.2017 (kamenica.mk)
Вечерва, 12 ноември, со почеток од 21 часот, во арената „Вембли“ во Лондон ќе се одржи годинашното доделување на европските музички награди на Ем-ти-ви, а домаќинка на манифестацијата ќе биде британската ѕвезда Рита Ора.
Таа ќе има и свој настап на сцената во „Вембли“, каде што ќе запеат и Деми Ловато, Камила Кабејо, Шон Мендес, Кеша, Стормзи, „Килерс“, Лиам Пејн, Тревис Скот, „Ју-ту“, Дејвид Гета со Чарли Екс-си-екс и Френч Монтана, „Клин бандит“ со Шон Пол, Ен Мари, Џулија Мајклс и Зара Ларсон, како и популарниот американски рапер Еминем,кој деновиве се врати на сцената со новиот сингл „Walk On Water“ во дует со Бијонсе.
Според бројот на номинации предводи Тејлор Свифт, која е во трка за дури шест статуетки, веднаш зад неа е канадскиот колега Шон Мендес со 5 номинации, а по 4 имаат Ед Ширан и Кендрик Ламар. Настанот ќе биде пренесуван во живо на телевизискиот канал на Ем-ти-ви, како и онлајн на www.mtvema.com. Преносот од црвениот килим ќе започне во 20.00 часот, а самото доделување во 21.00 часот (по наше време).