Вардар падна на колена пред моќниот Металург на Лино Червар

По двата порази во СЕХА Лигата, ракометарите на Металург ја забележаа првата победа над Вардар, откако прославија победа со 29:25 во првото коло од плеј-офот во Суперлигата. Иако дуелите меѓу овие два тима во поновата историја, не наликуваат на оние од минатото, сепак вниманието на ракометната јавност повторно беше насочено кон двата македонски претставници во ЛШ.

Првиот гол на дербито, кое двата тренери го започнаа со игра „седум на шест“, беше дело на Стоилов. Подоцна израмни Велковски, пред Канелјас да зголеми на 1:2  пенал. Домаќинот два пати во серија ја надмудри вардаровата одбрана и поведе со 3:2, пред Марсениќ со сув лист да израмни на 3:3. Гол за гол се играше до 22 минута, кога Металург за првпат поведе со 2 разлика преку Велковски, кој погоди на празен гол.

Металург остана без Нелоски поради приговор, неговите соиграчи згрешија во нападот, а потоа беше исклучен и Вејин, па Вардар од пенал преку Чупиќ намали на 12:11. Илиќ имаше контра за плус 3, но погоди во пречката и хрватското десно крило на Вардар му донесе 13:12. Костески имаше нова шанса за плус 3, но и тој промаши. Карачиќ го совлада Томовски за 14:13, пред Нелоски да зголеми на 15:13, резултат со кој се отиде на пауза.

Обрадовиќ отвори со гол во вториот дел за 16:13, дотогаш највисока предност на Металург. По водството на тимот на Червар со 17:15, вардарци израмнија на 17:17. Домашните поведоа со 19:17, но четата на Раул повторно стигна до реми, 19:19. Беше и 20:20, по кои имаше двојно исклучување на Душебаев и Нелоски, по кои вардарци стигнаа до водство по подолго време со голот на Циндриќ за 20:21.

Металург ја стегна одбраната, техничките грешки кај вардарци се зголемија и домашните направија серија преку Костески, Нелоски и Обрадовиќ за 24:21 во 50 минута. Карачиќ намали дел од негативата со голот за 24:22. Беше и 25:22, најекспонираниот вардарец во овие моменти, Карачиќ погоди за 25:23, но истиот згреши во обид за додавање во следниот напад. Нервите работеа во финишот, па Македа и Кузмановски добија исклучување поради кошкање.

По голот на Гуглета за 26:23, Раул побара тајм-аут и набрзина Карачиќ намали на 26:24. Беше и 27:25 на три минути до крајот на дуелот, но Вејин погоди за 28:25 и за делириум во исполнетата Авткоманда. Кога Арсиќ му го одбрани шутот на Карачиќ на минута и пол до крајот, веќе се знаеше дека бодовите остануваат кај Металург. До крајот Пешевски стрелаше за 29:25 и конечна победа на Металург. Најдобар стрелец во домашниот тим беше Немања Обрадовиќ со 10 голови, додека Вања Илиќ даде 6. Кај вардарци се истакна Чупиќ со 6 голови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *