Тимот на КК Карпош Соколи – Скопје ќе се бори за двојната круна откако избраниците на Николиќ успеаа да слават по втор пат во храмот на кошарката за 3-0 во полуфиналната серија.
Натпреварот започна со акцентот на одбрана па во тешките и долги напади првиот „чекор“ го направија домашните играчи кои успеаа да ги искористат и ситните грешки на гостите од Карпош. Шутот на ги служеше „соколите“ во текот на првото полувреме, меѓутоа влезот на Пери на местото на Соколов помалку ја раздрма монотоноста во нападите на избраниците на Николиќ. Во вистински час се разбуди Бојан Трајковски па серијата на репрезентативецот од 9 поени во низа донесе предност од 19-16 за „соколите“ по првите десет минути игра.
Продолжението од првото полувреме не донесе многу промени. Двата тимови поентираа главно преку долгите, стрпливи и мирни напади, а продолжи изедначеното темпо со акцент на одбраната. Поснаодлив во самиот крај на натпреварот излезе тимот на Карпош Соколи кога преку серијата од 7-0, гостите „избегаа“ на +5 (33-26) на истекот на 20-та минута.
Подоброто отварање на второто полувреме ја донесе и првата двоцифена предност за „соколите“ по контра нападот на Кендрик Пери, а за еден ваков тешок натпревар се воспостави како одлучна. Избраниците на Докузовски се обидуваа да се вратат во игра во текот на третата четвртина, меѓутоа за секое „лонче“ гостите имаа „капаче“. Користејќи ги грешките на Работнички, „соколите“ постојано ја одржуваа предноста околку 10 разлика за пред последната четвртина да заминат со предност од 11 поени (58-47).
На стартот на последната четвртина „црвено-белите“ беа блиску до остварување на невоможното кога по серијата од 5-0 стигнаа до негатива од 4 поени (54-58), меѓутоа тајмаутот на Николиќ ги „смири“ гостите. Контра серијата од 9-0 ја донесе најголемата предност на „соколите“ на денешниот натпревар од 13 поени (54-67) по тројката на Мавра за ставање крај на сомнежите за победник на натпреварот.
Бојан Трајковски со 21 поен и 8 скокови и Дарко Соколов со 14 поени и 7 скокови беа предводниците на „соколите“ на денешниот натпревар, додека ним им се придружи Драган Лабовиќ со 13 поени и 5 скокови.
Во домашниот табор целата прва петорка забележа двоцифрен број на поени од кои најрасположен со 15 поени и 4 скокови беше Ѓорѓи Чековски. По 12 поени надополнети со 5 украдени топки и 4 асистенции, односно 7 асистенции и 2 скокови натпреварот го завршија бековите Илиевски и Мираковкси, додека дабл-дабл учинок од 11 поени и 12 скокови забележа Ненад Мишановиќ. Со 11 поени натпреварот го заврши и Диме Тасовски.