Блага и мирна зима на Балканот

Метеоролошкиот сервис „AccuWeather“ објави долгорочна прогноза за претстојната зима.

Додека за подрачјата на Велика Британија, Скандинавија и остатокот од Северна Европа се очекуваат силни бури уште на почетокот на зимата, изгледа дека на Балканот зимата ќе биде блага, без силни температурни осцилации, а ќе нема ни многу врнежи.

Блага, мирна зима на Балканот

Додека во поголемиот дел од Европа ќе има многу бури, снег и продори на студени бранови, на Балканскиот Полуостров се очекува прилично мирна зима.

– Ќе има бури, но тие нема да бидат толку изразени како минатата година – прогнозира метеорологот Џејсон Николс.

Наместо тоа, спорадични бури ќе се појавуваат меѓу долготрајните сушни периоди.

– Овој регион би можел да има долги суви и топли периоди, проследени со бури кои ќе траат една недела и потоа ќе се врати на сув временски период од две или три недели – вели метеорологот Тајлер Ројс.

На Јадранот не се очекуваат зачестени удари на силни бури, предвидуваат метеоролозите.

– Тоа ќе придонесе за оскудна снежна сезона на планините – додава Ројс.

Ледените бранови ќе бидат сѐ полоши на истокот од Европа

Најостриот зимски студ ќе ги зафати Источна Европа и Источна Скандинавија. Почетокот на зимата нема да биде обележан со силни и изразени студени бранови, но тоа би можело да се случи при крајот на зимата.

– Можеби ќе видиме неколку кратки ладни бранови во декември, но вистински студ нема да има до подоцна во сезоната – истакна Ројс.

Најмногу снег и голем студ се очекуваат кон крајот на декември и почетокот на јануари на подрачјата од Финска до Украина. Се очекува големи количества снег во таа област да има до крајот на февруари. Ледените бранови кои од тоа подрачје ќе стигнуваат до Европа би можеле кон крајот на зимата да ги зафатат и подрачјата на Полска, Словачка и Романија.

Ветровити бури во Велика Британија и во Северна Европа

Активен почеток на сезоната на силни ветришта се предвидува за Британија, Северна Европа и Скандинавија. Оваа година тоа подрачје веќе беше погодено од неколку бури, меѓу кои и „Лоренцо“, која во еден момент беше ураган од категорија 5 над Атлантскиот Океан.

Меѓутоа, зачестеноста на бурите нема да го достигне врвот сѐ до почетокот на 2020 година.

– Бурите ќе бидат најактивни на почетокот од јануари – предвидува Ројс.

Поради бурите, на делови од Велика Британија ќе им се закануваат и големи поплави, а крајот на бурите се очекува дури на крајот од февруари и почетокот на март.

– Вториот дел од зимата ќе биде многу помирен отколку нејзиниот почеток – предвидуваат метеоролозите.
Фото: Index

Дождливо време од Португалија до Полска

Додека на северот од Европа ќе има бури, поголеми количества дожд и снег би требало да донесат олеснување за поголемиот дел од Европа – од Португалија па сѐ до Полска, откако тоа подрачје беше погодено од голема суша во текот на летото.

– Реката Рајна летово повторно пресуши, а есенва не донесе поголеми количества дожд кои би помогнале во решавањето на тешката ситуација. Иако Пиринејскиот Полуостров конечно повторно ќе доживее олеснување од долготрајните суши, поголемите количества дожд ќе доведат до нараснување на вегетацијата, што во текот на пролетта и летото повторно би можело да доведе до проблеми и дивеење на шумски пожари – предупредуваат метеоролозите.

Во северниот дел од Алпите се очекуваат и големи количества снег, поради што метеоролозите предупредуваат на проблемите кои би можеле да се појават кон крајот на зимата, кога снегот почнува да се топи, како лавини и поплави.

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *