Автопатот Штип – Миладиновци се очекува до крајот на месецов да биде пуштен во употреба

До крајот на месецов, конечно, би требало да се пушти во употреба новиот автопат Штип – Миладиновци. Ова денес го најави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта кој потенцираше дека е во постапка подготовка на документацијата за технички прием на истиот:

„… Автопатот Миладиновци-Штип е завршен. Се подготвува техничката документација за техничкиот прием. Тоа е во делот на надзорот каде што ние не сме моќни. Поради снежните врнежи можеби деновиве некои контроли што треба да ги прават малку ќе бидат оневозможени, но очекувам крајот на месецов автопатот да биде пуштен…“ информираше Зоран Китанов.

За овдешните возачи, пуштањето на автопатот е нешто што тие го очекуваат одамна зашто ќе им штеди и пари и време:

„Досега ако се одеше за 1 час и половина сега возењето ќе се намали на половина час. Ова е добро за сите оние кои патуваат, кои работат и студираат во Скопје можат и да се враќат секој ден“

„Многу побрзо и многу подобро се што се направи се е добро “ изјавија анкетираните возачи

Изградбата на автопатот во должина од 47 километри почна во мај 2014 година. Дел од автопатот, на потегот од Штип до клучката Кадрифаково, веќе се користи со привремен режим на сообраќање на возилата.

Инвестицијата во изградбата на овој автопат изнесува 206 милиони евра, обезбедени од кредит од кинеската Ексим банка и буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Со изведувачот на работите, кинеската компанија „Синохидро“, беа склучени два анакса на Договорот за изградба, со кои во два наврата се продолжуваше рокот за пуштање во употреба.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *